Статут на СКТМ (пречистен текст)

Врз основа на член 13 став 1 алинеја 1 и член 42 од Законот за стопанските комори (Службен весник на Република Македонија бр. 17/2011), Собранието на Стопанската комора за туризам на Македонија, на седницата одржана на 27.07.2011 и Одлука за измени и дополнување на Статутот од 30.03.2013 го донесе следниот
С  Т  А  Т  У  Т 
на
СТОПАНСКА КОМОРА ЗА ТУРИЗАМ НА МАКЕДОНИЈА
Пречистен текст
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Статут се уредува правната положба, дејноста, внатрешната организација, органите, средствата за работа, престанокот и другите прашања од значење за организацијата и работењето на СТОПАНСКА КОМОРА ЗА ТУРИЗАМ НА МАКЕДОНИЈА.
Член 2
СТОПАНСКА КОМОРА ЗА ТУРИЗАМ НА МАКЕДОНИЈА во натамошниот текст: Комора) е независна, самостојна и непрофитна деловно-стручна организација на правни и физички лица, со седиште во Република Македонија, кои вршат дејност во туристичкото стопанство како: угостителска, хотелска, транспортна, туристичко-услужна, туристичко-образовна и други неспоменати дејности, во функција на изготвување, понудување и успешна реализација на туристичкиот производ.        Членовите во Комората се здружени (организирани) врз професиoнало-еснафска база и нивното зачленување е во согласност со Законот за стопанските комори, (во натамошниот текст: 3аконот).
Член 3
          Членови на Комората може да бидат правни и физички лица со седиште во Република Македонија кои вршат дејност, запишани во соодветен регистар.
          Членови на Комората може да бидат и научно-истражувачки и образовни институции, здруженија на граѓани кои вршат стопанска дејност, сојузи, интересни асоцијации, фондации, банки, осигурателни компании и други организации кои обавуваат дејност од значење за економијата а посебно во туризмот, доколку со своја одлука изразат желба за членство во Комората.
Член 4
          Членовите од член 3 на овој Статут, членството го стекнуват со денот на потпишување пристапница за членство, односно основачите со уписот во Регистарот кој го води Комората.
Член 5
          Комората има својство на правно лице, кое го стекнува со денот на уписот во Регистарот на стопански комори при Централниот регистар на Република Македонија во Скопје.
          Комората одговара за своите обврски со целокупниот имот.
Член 6
Називот на Комората е :
        СТОПАНСКА КОМОРА ЗА ТУРИЗАМ НА МАКЕДОНИЈА
                  Скратен назив - СКТМ.
 Седиштето на Комората е во Скопје, Градски Ѕид блок 13.
Член 7
          Комората има печат со тркалезна форма и штембил во правоагална форма, кои го содржат нејзиниот назив и седиште.
Член 8
          Комората во своето работење има амблем и користи и други графички апликации кои ги утврдува упрвниот одбор.
ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА КОМОРАТА
Член 9
Комората се организира и работи заради застапување и заштита на интересите на своите членови за поефикасно стопанисување во пазарни услови, за унапредување на принципите на пазарната конкуренција и негување на добрите деловни обичаи, успешно вклучување на домашниот и светскиот пазар, поттикнување на претприемништвото и стручно оспособување на кадрите.
Во остварувањето на целните задачи Комората ја насочува својата дејност кон:
- подобрување на резултатите на работењето на членовите на Комората и нивната организираност;
- давање стручна помош на членовите на Комората во развојот на дејноста, усвојувањето на нови технологии и методи на водење на трговските друштва, поттикнување и координирање на активностите за имплементација на европските стандарди за квалитет и на истражувањата и развојот на техничко-технолошките достигнувања;
- квалитетно и ефикасно обезбедување на стручна помош и деловни услуги  на членовите, како и усогласување на нивните развојни интереси;
- организирање на информационен систем и деловно информирање на членовите за релевантни податоци за дејноста на членовите, за домашната и светската економија,  за кредитно-монетарната, девизната, даночната, царинската политика и пазарот, за иновациите и технолошките дострели, извозните и увозните  движења и можности, за проекти и тендери  и др;
- застапување на интересите на членовите на Комората во економските односи со странство: заверка и издавање на документи, промотивно- пропагандна дејност и учество на саеми, изложби и други промоциски активности, развој на маркетингот и надворешно-трговската мрежа, деловно поврзување и информирање и сл.;
- организирање стручно оспособување, преквалификација и доквалификација на стручни кадри;
- утврдување и негување на добрите деловни обичаи, развивање на деловниот морал и утврдување на правила на деловното однесување на членовите на Комората во меѓусебните односи и во односите спрема трети лица на пазарот;
- застапување на интересите на членовите на Комората пред надлежните државни органи и институции, посебно во подготвувањето на стопанското законодавство, на мерките и механизмите на стопанскиот систем и развојната и тековната економска политика, информирање за промените на законските и други прописи од дејноста на членовите на Комората и од областа на стопанството;
- давање на мислења и подготвување на предлози и иницијативи за донесување на нови или измена и дополнување на постојните закони и мерки на економската политика од дејноста  на членовите на Комората и од областа на стопанството
- склучување и следење на извршувањето на колективните договори;
- вршење на други работи од интерес за членовите на Комората.
Член 10
Комората може да врши  одредени јавни овластувања утврдени со закон; да издава уверенија, сертификати, лиценци за туристички агенции, категоризација на хотелиерски објекти и транспортни средства и др., врз основа на добиена согласност од Владата на Република Македонија согласно Законот, Комората може да остварува приходи од вршење на јавни овластувања во доменот на својата дејност.
Член 11
Комората води евиденција за прашања од својата дејност и издава уверенија и други исправи за фактите за кои води евиденција. На барање на членовите, Комората потврдува и одредени факти врз основа на направен увид во издадени документи или официјални податоци од државни институции, кои членовите ги употребуваат во странство во рамките на своето надворешно-трговско работење.
Начинот на водењето на евиденцијата, издавањето на исправите и потврдувањето на фактите се уредува со посебни  акти на Комората.
ПРАВА, ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ
НА ЧЛЕНОВИ -  ОСНИВАЧИ  И ЧЛЕНОВИ НА  НА КОМОРАТА
Член 12
Во остварување на целите и задачите на Комората, основачи-членки на Комората ги остваруваат своите права, обврски и одговорности на начин утврден со закон и со овој статут.
Член 13
          Основач на Коморат може да биде правно или физичко лице кое е запишано во  трговскиот регистар и регистарот на други правни лица со седиште во Република Македонија кои вршат трговска дејност.
          Оснoвачите имаат права, обврски  и точно одреден број на гласови при одлучувањето на Собранието на Коморатра.
Член 14
Членовите на Комората имаат права и обврски, особено:
- да управуваат со работите на Комората, да ги бираат органите на Комората, да вршат надзор над нивната работа и обезбедат услови за вршење надзор од страна на државен орган и независна ревизорска куќа согласно Законот;
- да ја обезбедат и ја користат стручната и друга помош и услуги кои ги врши Комората за своите членови во рамките на своето работење и  усвоените програми за работа и оперативни активности на нејзините органи и другите форми и тела на организирање и работење;
- да покренуваат иницијативи за донесување и да изградуваат мислења по предлози на закони и други прописи и мерки од дејноста за која се основани и за развојната и економската политика,
 - да го изготват и применуваат кодексот и правилата на работење во вршењето на хотелско-угостителската и туристичката дејност,
- да учествуваат во склучувањето на колективните договори и да го следат нивното извршување;
- да бидат ослободени од обврска за плаќање членарина на Комората под услови предвидени со овој статут;
- да се придржуваат кон одредбите на овој статут, општите акти и другите акти на органите на Комората;
- да ги обезбедуваат средствата за остварување на задачите на Комората, согласно одредбите на Законот, овој статут и донесените акти на органите на Комората.
ЧЛЕНУВАЊЕ ВО КОМОРАТА
Член 15
Членови на Комората можат да бидат  правни и физички лица со седиште во Република Македонија  кои вршат дејност во туристичкото стопанство и други дејности во функција на туристичкиот производ.
Комората е отворена за прием на нови членови кои вршат дејност од став еден на овој член.
Член 16
Членството во Комората се стекнува доброволно, со потпишување пристапна изјава за прифаќање на овој статут и другите  акти на Комората.
Својството на член на Комората престанува доколку членот не ги исполнува статутарните обврски и обврските утврдени со актите на комората како и обврската од членот 16 став 1 од овој Статут.”
Постапката, начинот и критериумите за прием и исклучување на член на Комората ги утврдува  Собранието на Комората. Одлука за прием и исклучување на член на Комората донесува Управниот одбор,  која ја потврдува Собранието на Комората на својата прва наредна седница.
Член 17
Во Комората членуваат и истакнати претставници на органите на извршната и законодавната власт на Република Македонија кои со своето делување придонесуваат за развој на туризмот како индустриска гранка.
Почесните членови на Комората имаат улога од советодавен карактер. Со својот углед и респект во опшеството ќе придинесуваат за лобирање и поддршка за остварување за целите на Комората
Член 18
Членот на Комората е должен годишниот износ на чланарината на Комората да ја уплати на сметка на Комората и тоа:
а) еднократно најдоцна во рок од 60 дена од денот на доставувањето на фактурата за годишната чланарина;
б) месечно на 12 (дванаесет) еднакви рати со потпишување на траен налог во корист на Комората и
в) квартално на 4 (четири) еднакви рати со потпишување на траен налог во корист на Комората.
Висината на годишниот износ на членарината на Комората  ја утврдува Собранието на Комората со одлука најдоцна два месеци пред истекот на претходната календарска година за наредната година, со право Собранието со одлука да може да го утврдува, односно менува  износот на членарината на предлог на Управниот одбор и во текот на годината доколку реализацијата на програмските  задачи на Комората наметне потреба од повеќе, или помалку, финансиски средства.
Член 19
Член на комората може да биде времено ослободен од обврска за плаќање на чланарината на Комората поради неможност истата да ја плати, која произлегува од некој од наведените настан чие последично штетно дејство членот не можел да го предвиди, ниту да го избегне или отстрани: земјотрес, поплава, пожар, војна, побуна, блокада и сл.
Непредвидливи настани чии штетни последици подеднакво ги погаѓаат сите членови на Комората, како што се промените во условите на стопанисувањето по основ на промени на девизниот режим, инфлација, девалвација, деноминација и сл., не претставуваат услов за ослободување од обврската за членарината на Комората.
Секоја членка на Комората може да побара времено ослободување или намалување на обврската за плаќање на чланарина, доколку од субјективни причини (финансиски причини, промена на управувачката структура) не е во можност истата да ја изврши.
Писмено барање за времено ослободување или намалување на висината на чланарината, се поднесува до Управниот одбор, кој за истото одлучува на својата наредна седница.
УПРАВУВАЊЕ И ОДЛУЧУВАЊЕ ВО КОМОРАТА
Член 20
Со работите на Комората управуваат нејзините членови преку свои претставници во органите на Комората.
Член 21
Претставниците во телата и другите форми на организирање ги избира органот на Комората што ги  формирал.
Член 22
Претставниците во Комората работат според насоките на органите што ги избрале и пред нив се одговорни за својата работа.
При утврдување на заедничките ставови, преставниците се должни да ги уважуваат интересите на сите членови на Комората.
Член 23
Претставникот има право и должност за својата работа и за работата на органот на Комората, чиј што член е, да го известува органот што го избрал.
Член 24
Својството на претставник во Комората престанува и пред истекот на времето за кое е избран, доколку:
- престане својството на член на Комората  од кој е избран;
- му престане работниот однос кај членот на Комората, од кој е избран;
- поднесе оставка;
- го отповика органот што го избрал.
ОРГАНИ НА КОМОРАТА
Член 25
Органи на Комората се:
  • Собрание на Комората
  • Управен одбор на Комората
  • Надзорен орган на Комората
  • Претседател на Комората
1. Собрание
Член 26
Собранието на комората е највисок орган на комората, кое го сочинуваат сите членови на комората.
Претставници во Собранието се  оснивачите на Комората.
Член 27
Собранието на Комората:
-    ги донесува статутот на Комората, програмата за работа на Комората, финансискиот план, завршната сметка и деловникот за работа на Собранието;
  • ја оценува реализацијата на програмата за работа на Комората и го усвојува извештајот за работа на Управниот одбор и Надзорниот одбор;
  • ги избира и разрешува членовите на Управниот одбор, Надзорниот одбор, Претседателот, Заменик претседател и Претседавачот на Собранието на Комората;
  • ги избира и разрешува членовите на Управниот одбор, -    ја утврдува висината на членарината и другите средства за финансирање на Комората;
-    одлучува за наменско здружување на средства;
-    ги утврдува начинот и постапката, времетраењето  и  критериумите за времено ослободување од плаќање членарина одделни членови на Комората согласно  условите предвидени со Статутот;
-    го донесува актот за начинот и постапката за прием и исклучување на членови на Комората и ги потврдува одлуките на Управниот одбор за прием и исклучување на членовите;
  • разгледува и утврдува ставови за значајни прашања од дејноста на Комората и од стопанскиот систем, развојната и тековната економска политика;
  • одлучува за формирање и дава мислење  за организирање на други форми и тела на организирање и работење на Комората;
  • одлучува за зачленување на Комората во сојуз на комори,  за начинот на здружување во посебни организациони облиции и за зачленување во други непрофитни стопански асоцијации и здруженија;
  • одлучува за формирање регионални канцеларии, групации, секции, помошни тела и други форми на организирање на комората;
  • одлучува за избор и го усвојува извештајот на независното ревизорско друштво за надзор над трошењето на средствата на Комората;
  • врши и други работи утврдени со овој статут или општ акт на Комората.
  • Формира сектори:
  1. Сектор за туристички агенции
  2. Сектор за сместувачки капацитети
  3. Сектор за ресторани, кафеани, ноќни клубови –угостителски објекти
  4. Сектор за превозници
  5. Сектор за институции и здруженија
За вршење на одредени работи од својот делокруг, Собранието може да формира постојани и повремени работни тела.
Член  28
Собранието на Комората работи на седници, кои се свикуваат по потреба, а  најмалку еднаш годишно.
Седниците на Собранието ги свикува и со нив претседава претседавачот на Собранието. Претседавачот на седниците на  Собранието ги свикува на предлог на Пртседателот на Комората.
Седница на Собранието на Комората се свикува и на предлог на Управниот одбор и Надзорниот одбор, како и по барање на 1/5 од вкупниот број на членовите.
Претседавачот на Собранието се избира за време од две година, со право на само еден повторен избор.
Член 29
Собранието на Комората може полноважно да работи ако на седницата присуствуваат  20 членки оснивачи-претставници на Комората.
За одлучување за статутот на Комората, финансискиот план на Комората, за утврдување на висината и начинот на плаќање на членарината  на Комората и за здружување на наменски и други средства за финансирање на Комората, потребно е мнозинство од 20 члена од вкупниот број на основачи на оснивачи на Комората, а во останатите случаи Собранието на Комората одлучува со мнозинство на гласови од присутните членови.
Член 30
Секој претсавник на Собранието има право на глас при одлучувањето. 
Ниту еден член нема да има право на глас доколку не ги намирил во целост своите обврски кон Комората.
Членовите кои не се во можност да присуствуваат на Собранието на Комората може да овластат лице кое ќе ги претставува на таа седница. Членовите ќе именуваат и регистрираат кај Комората лице кое е овластено да ги претставува на Собранието како застапник.
2. Управен орган
Член 31
Управниот одбор има 10 члена и претседател (Вкупно 11).
Член 32
Членовите на Управниот одбор се избираат за време од две (2) години, со можност за повторен избор.
На член на Управниот одбор му престанува мандатот во следните случаи:
- ако поднесе оставка;
- ако Собранието го отповика заради непридржување на одредбите од Статутот и другите општи акти на Комората;
- ако не присуствува на седниците на Управниот одбор последователно 3 пати;
- поради престанок на работата на правното лице  - член на Комората  од каде што бил избран;
- ако му престане работниот однос кај членот на Комората кај кого бил вработен во време на изборот, или ако престане основот по кој бил избран (престанок на вршење на одредена функција, односно должност кај правното лице - член на Комората).
Член 33
Управниот одбор
  • подготвува предлог-програма за работата на Комората и му ја доставува на Собранието најдоцна два месеци пред истекот на календарската година;
  • ги подготвува седниците на Собранието на Комората;
  • ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието на Комората;
  • изготвува предлог за висината на членарината на Комората,  за наменско здружување на средства и другите средства за финансирањето на Комората, за финансискиот план и завршната сметка на Комората и  другите акти што ги донесува Собранието на Комората;
  • изготвува предлог-акт за начинот, постапката и критериумите за прием  и исклучување на членови на Комората и одлучува за прием и исклучување на  членовите;
  • го донесува актот за организација и работа на Стручната служба на Комората и актот со кој се уредува работниот однос на работниците на Стручната служба;
  • предлага независно ревизорско друштво за надзор над трошењето на средствата на Комората;
  • изготвува предлог акт за начинот, постапката и критериумите за  ослободување од плаќање членарина на членовите на Комората согласно условите предвидени со Статутот;
  • ги следи тековните движења во дејноста на членовите на Комората и општостопанските движења и трендови, утврдува мислења и предлози на прописи и мерки и покренува активности и иницијативи за унапредување на работата и подобрување на условите и системскиот и макроекономски амбиент на стопанисување;
  • утврдува ставови по нацртите и предлозите на законите и другите акти на републичките  органи што се од посебно значење за дејноста на членовите на Комората;
  • ги утврдува тековните задачи и оперативни активности на Комората, ја следи нивната реализација и презема мерки за унапредување на работењето на Комората;
  • презема мерки за изградба и развој на коморскиот информационен систем и негово транспарентно користење од страна на членовите;
  • ја програмира работата на Комората и нејзината стручна  служба;
  • ги утврдува ставовите и ги застапува интересите на членовите на Комората пред надлежните државни органи и институции во областа на стопанскиот систем, развојната и тековната економска политика;
  • го следи извршувањето на работите на Стручната служба и презема мерки и донесува одлуки за воведувањето на информациони и  други техничко-технолошки унапредувања во нејзината работа;
  • го уредува начинот на водењето на евиденцијата, издавањето на исправи и потврдувањето на факти за потребите на членовите на Комората;
  • ги уредува и одлучува по прашањата во врска со обезбедувањето на јавност во работата на Комората;
  • делегира претставници од Комората во други организации, заедници, сојузи на комори и  стопански асоцијации и здруженија;
  • ги предлага формите на организирање (регионални канцеларии, групации, секции, сектори, комисии и сл.)
  • го донесува деловникот за работа на Управниот одбор;
  • врши други работи од дејноста на Комората кои не се во делокруг на надлежностите на Собранието на Комората.
За извршување на одредени работи од неговиот делокруг Управниот одбор може да формира постојани и повремени работни тела.
Управниот одбор поднесува извештаи за својата работа и работењето на Комората до Собранието на Комората, најмалку еднаш годишно.
Член 34
Управниот одбор работи на седници кои се одржуваат по потреба.
Седниците на Управниот одбор ги свикува и со нив раководи Претседателот на Комората.
Член 35
Управниот одбор може полноважно да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од неговите членови.
Во функција на ефикасно и целисходно одлучување, Управниот одбор, одлуките за прашањата од својата надлежност може да ги усвои по пат на писмена согласност на мнозинство членови на Управниот одбор, дадена преку електронска пошта, факс, пошта и полномошно.
Донесувањето на одлуката се верификува преку записник на првата наредна седница.
Секој член на Управниот Одбор има право на еден глас при одлучувањето за работите од својата надлежност.
 Надзорен одбор
Член 36
Надзорниот одбор на Комората има претседател и 2 членови (вкупно 3 членови), кои се избираат од редот на основачите на Комората.
Членовите на Надзорниот одбор се избираат за време од 4 години, без право на повторен избор.
Членовите на Надзорниот одбор се избираат од страна на Собранието на Комората по предлог на претседавачот на Собранието, врз основа на доставени предлози од  членовите на Комората.
Член на Надзорниот одбор не може да биде: претседателот на Комората, член на Управниот одбор, извршниот директор на Комората.
Член  37
Надзорниот одбор врши надзор над:
  • спроведувањето на Статутот на Комората и другите општи акти,остварувањето на правата и извршувањето на обврските на членовите на Комората;
  • користењето на средствата на Комората, финансиско-  материјалното работење на Комората и користењето на средствата за работа на Стручната служба на Комората;
  • надзор над законитоста, материјално-финансиското работење, имотот и правилноста на работата на Комората;
  • наплатата на членарината;
  • и други работи кои му ги доверува Собранието на Комората
 За утврдената состојбоа од извршениот надзор, Надзорниот одбор го известува Собранието на Комората најмалку еднаш годишно.
Надзорниот одбор може да спроведе постапка за ревизија од независно ревизорско друштво. Ако со ревизијата се потврди исправноста на годишната сметка, односно ако се  утврди уредност, трошоците за ревизија ќе паднат на товар на лицата кои барале да се изврши ревизија.
Претседател на Комората
Член 38
 Претседателот на Комората го избира Собранието од редот на основачите на Комората за време од 2 години, со можност за  уште еден мандатен период.
Член 39
Претседателот на Комората ја застапува и претставува Комората, раководи со нејзините работи и ги извршува одлуките и заклучоците на другите органи на Комората и е одговорен за законитоста на работењето на Комората.
Претседателот на Комората може да е  потписник на актите на Комората, ја застапува и претставува Комората внатре и надвор од земјата.
Претседателот на Комората предлага програма за работа и финансиски план и се грижи во вршењето на работите од став 1 на овој член донесува одлуки и презема мерки и активности во согласност со статутот, програмата за работа и финансискиот план, односно со одлуките, заклучоците и другите акти на другите органи на Комората.
Член 40
Комората има Заменик претседател.
Заменикот претседател на Комората го избира Собранието на Комората за време на 2 (две) години со право на уште еден избор.
Заменик Претседателот на Комората функцијата ја врши волонтерски и има право на надомест на трошоци направени во службени цели на Комората.
Заменик Претседателот го заменува Претседателот на Комората во случај на негово отсуство или спреченост.
Член 41
Претседателот на Комората е и претседател на Управниот одбор на Комората. Претседателот на Комората ја организира работата на Управниот одбор на Комората, свикува седници и претседава на седниците на Управниот одбор.
ДРУГИ ФОРМИ И ТЕЛА НА ОРГАНИЗИРАЊЕ И РАБОТЕЊЕ
Сектори групации, секции, комисии и други работни тела
Член 42
Членовите на Комората, во рамките на коморското организирање можат да формираат и дејствуваат преку сектори, групации, секции,  комисии и други работни тела заради успешно и ефикасно остварување на програмите за работата на Комората и нивни специфични заеднички интереси за одделни области на делување во рамки на дејноста на членовите.
Одлука за формирање на организациони форми и тела на  работење донесува органот кој ги формира. Управниот одбор ги предлага, а Собранието ги усвојува.
          Формите и телата од овј член можат да се формираат како постојани  или да се формираат по потреба за реализација на тековни задачи на органот што  ги формира.
Член 43
Во рамките на Комората функционираат 5 (четири) сектори и тоа:
  1. Сектор за туристички агенции
  2. Сектор за сместувачки капацитети
  3. Сектор за ресторани,кафеа, ноќни клубови – угостителски објекти
  4. Сектор за превозници
  5. Сектор за институции и здруженија
Со секој одделен сектор управива Раководител на сектор кој се избира од редот на членовите во секој одделен сектор.
Раководителите на сектори се избираат за време од две (2) години, со можност за повторен избор.
Член 44
          Комората може да формира регионални канцеларии, како посебни форми на организирање и делување.
          Собранието донесува Одлука за формирање на Регионални канцеларии Управниот одбор на Комората одлучува за бројот, видот и местото на Регионалните канцеларии.
СОРАБОТКА НА КОМОРАТА СО ДРУГИ  КОМОРИ, ОРГАНИЗАЦИИ И ЗАЕДНИЦИ
Член 45
Комората соработува со други комори од земјата и странство, со меѓународни стопански организации, како и со органи и други институции на Република Македонија.
Соработката со коморите и меѓународните стопански организации се остварува преку непосредни контакти и размена на информации, промотивно-пропагандна дејност, учества на саеми, изложби и други промоциски активности, развој на маркетингот и коморска надворешно-трговската мрежа, деловно поврзување и информирање, членство во  меѓународни асоцијации, организации, конвенции и сл.
Член 46
Комората соработува со органите и другите институции на Република Македонија особено при: утврдување на стопанскиот систем, развојната и економската политика, покренување на иницијативи за донесување на закони и други прописи од својата област, информирање за подготовките и промените на законските и другите прописи од својата област и други прашања од свој интерес и од интерес на стопанството.
ЗДРУЖУВАЊЕ ВО СОЈУЗ НА КОМОРИ
Член 47
За усогласување на своите интереси со заедничките интереси  на другите комори, како и за остварување на други прашања од заеднички интерес, Комората може да се  здружува во  сојуз на комори. 
Член 48
Во Комората можат да се зачленуваат и непрофитни стопански здруженија и асоцијации доколку е тоа од заеднички интерес за унапредување на дејностите на членовите на Комората и таквите здруженија и асоцијации. Зачленетото здружение или асоцијација има еден свој  претставник во Собранието  на Комората со право на еден глас при одлучување.
ОПШТИ АКТИ НА КОМОРАТА
Член 49
Општи акти на Комората се: Статутот, правилници, одлуки,  заклучоци, препораки, ставови и мислења и други општи акти, што, во согласност со закон и овој статут, ги донесуваат  Собранието, Управниот одбор и другите органи, извршниот директор и облиците на организирање и работење во рамките на Кмората.
Член 50
Предлог за донесување на Статутот на Комората, односно за негови изменувања и дополнувања може да утврди Управниот одбор, а иницијатива за нивно донесување може да поднесе Надзорниот одбор, претседателот на Комората и облиците на организирање и работење во рамките на Комората.
Управниот одбор на Комората го утврдува текстот на нацртот на статутот, односно на одлуката за изменување и дополнување на Статутот и го утврдува начинот на водење и времето на траење на јавната расправа.
Член 51
Статутот на Комората се објавува на веб-порталот на Комората, во рок од три дена од денот на неговото донесување. Статутот на Комората влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето.
          Другите општи акти на Комората се објавуваат на  веб-порталот на Комората, во рок од три дена од денот на нивното донесување и влегуваат во сила истиот ден.
ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА КОМОРАТА
Член 52
Комората обезбедува јавност на своето работење преку присуство на седниците на органите, облиците на организирање и работење на Комората и други состаноци, давање на информации за нивната работа, соработка со средствата за јавно информирање и со други средства за известување.
Член 53
По потреба, Комората издава постојани или периодични билтени, прегледи, списанија и други печатени или електронски средства за известување, преку кои обезбедува навремено информирање на членовите и на јавноста.
Член 54
Комората редовно ги запознава своите членови и јавноста со одлуките, ставовите, предлозите и мислењата усвоени на седниците на органите и облиците на организирање и работење на Комората.
Член 55
Со посебен акт на Комората се определуваат исправите и податоците кои претставуваат тајна и чие соопштување на неовластено лице, заради нивната природа и значење, би било спротивно на интересите на членовите на Комората.
Член 56
За точноста и вистинитоста на податоците и информации во врска со работата на Комората одговора лицето кое ги издало.
ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР И СТРУЧНА СЛУЖБА НА КОМОРАТА
Член 57
Комората има  извршен директор, кој ја застапува Комората во имотните  и други правни работи, раководи и ја организира работата на Стручната служба на Комората, донесува одлуки во врска со работниот однос на работниците во Стручната служба и во извршувањето на општите акти на Стручната служба и врши други работи во согласност со општите акти и одлуките на органите на Комората.
Извршниот директор на Комората може да биде  овластено  лице за застапување на Комората, кој ќе  одговара за веродостојноста, вистинитоста и точноста на податоците кои се доставуваат до Централниот регистер на Република Македонија.
Врз основа на програма за работа и финансискиот план предложен од претседателот, извршниот директор предлага и доставува до управниот одбор оперативен план и програма за тековната година
Извршниот директор го организира подготвувањето и одржувањето на седниците на Собранието и на Управниот одбор на Комората.
Извршниот директор се именува и разрешува на функцијата по предходна согласност од Управниот Одбор на Комората.
Извршниот директор за својата работа одговара пред Управниот Одбор  на Комората.
Член 58
Стручните, административно-техничките, помошните и други работи за потребите на Комората ги врши Стручната служба на Комората.
Стручната служба ги врши административно-стручните работи во врска со подготовката и спроведувањето на Статутот, одлуките, заклучоците и другите акти на органите и на облиците на организирање и работење во рамките на Комората и на законските и други прописи што се однесуваат на дејноста на Комората.
Стручната служба подготвува информации, анализи, нацрти на општи и други акти за потребите на Комората, предлози за донесување и мислења по предлози на закони и други прописи од областа на стопанството, мислења и предлози на актите во кои се утврдуваат ставовите на Комората во врска со економската политика на национално, регионално и локално ниво. Вработените во Стручната служба имаат посебна одговорност  за односот кон податоците кои се прибираат од фирмите во поглед на нивното користење и објавување.
Стручната служба на Комората обезбедува деловни информации, податоци, стручни совети, сугестии и сл., со кои се помага работењето на
членовите на Комората. Стручната служба услугите ги врши првенствено за членовите на Комората, како и за домашни и странски правни и физички лица кои не се членови.
Стручната служба во вршењето на своите работи соработува со стручните служби на членовите на Комората, со научни, стручни и други институции.
СУД НА ЧЕСТА
Член 59
          Комората  има Суд на честа како независен орган.
          Собранието на Комората со посебен општ акт ја утврдува организацијата, надлежноста и состав на Судот на честа, мерки кои можат да се изречат, постапката и други прашања од значај на Судот на честа.
СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА КОМОРАТА
Член 60
          Средствата за работа на Комората се обезбедуваат од:
  • членарина што ја плаќаат нејзините членови;
  • наплата од извршени услуги;
  • донации;
  • надомест за вршење јавни овластувања;
  • наменски фондови и
  • други извори.
          Основицата за  пресметка, висината и начинот на плаќање на членарината, висината на надоместот на услугите  и начинот на здружување на наменски средства ги утврдува Собранието.
Член 61
За извршување на одредени работи од делокругот на Комората кои не се финансираат од чланарина, односно за финансирање на посебни активности од програмата за работа на Комората, заинтересираните членови можат да здружуваат и други средства  со посебна намена во Комората.
Член 62
 Доколку Комората со согласност на Владата на Република Македонија врши услуги по основ на јавно овластување, висината на наплатата за извршените услуги во вршењето на јавни овластувања ја утврдува Управниот Одбор на Комората во согласност со Владата на Република Македонија.
Член 63
Располагањето со средствата од членовите 60, 61 и 62 на овој статут се врши согласно општите акти на Комората.
ПРЕСТАНОК НА КОМОРАТА
Член 64
Комората престанува во случај на ликвидација или стечај.
Одлука за престанок на Комората, на еден од начините за престанок определени во став 1 од овој член донесува Собранието на Комората, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието.
          Во случај на  поведување постапка за  престанок на Комората (стечај или ликвидација), имотот и средствата што остануваат по намирување на обврските на Комората се распределуваат на членовите на Комората според нивниот финансиски придонес во периодот на постоењето  на Комората.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 65
          Со денот на влегувањето во сила на овој статут, престануваат да важат Статутот на Стопанската комора за туризам на Македонија Врз основа на чл.9 и 11 од Законот за стопански комори (Сл. Весник на РМ 54/02),Собранието на основачи на првата конститутивна седница одржана на 26.03.2008 година, и Анекс Статутот врз основа на член 13 од Статутот на Комората од Првото Собрание одржано на 29.11.2008 Одлука донесена на Трето Собрание од 27.11.2010 година.
          Oрганите на Комората (Собрание, Управен одбор, Надзорен одбор и претседател),  избрани согласно Законот за Стопанските комори(Сл. Весник на РМ 54/02), Статутот на Стопанската комора за Туризам на Македонија Собранието на основачи на првата конститутивна седница одржана на 26.03.2008 година, и Анекс Статутот врз основа на член 13 од Статутот на Комората од Првото Собрание одржано на 29.11.2008 Одлука донесена на Трето Собрание од 27.11.2010 година
ќе ги вршат своите функции до свикување на изборно собрание, нивниот мандат согласно одредбите од Статутот на Комората врз основа на кои се донесени одлуките за нивниот избор.
Овој статут влегува во  на денот на усвојувањето, а се објавува во рок од 8 дена веб-порталот на СКТМ.
 
Бр. 02-10/13                                                               ПРЕТСЕДАВАЧ,
30.03.2013 год.                                                             Ангел Иванов
    С к о п ј е         

Превземи Статут на СКТМ (пречистен текст)

<< Назад

Top